Линијата го заокружува процесот на обработка на метални компоненти во тетовскиот капацитет на компанијата. Според објавените информации, треба да овозможи поголема производствена ефикасност и дополнително проширување на дејноста.
На линијата веќе се ангажирани пет вработени. Компанијата планира воведување уште две смени, што може да отвори можности за дополнителни вработувања.
„Киел Македонија“, дел од германската Киел Групација, работи во земјава од 2017 година и вработува околу 190 лица во два производствени капацитета, во Тетово и Желино. Досегашните инвестиции во постојниот објект во ТИРЗ Тетово надминуваат 11 милиони евра. Проширувањето на производството на метални компоненти почнало во 2025 година.
Компанијата произведува компоненти и системи за седење за автобускиот и железничкиот сектор. Нејзините производи се дел од меѓународните производствени синџири на „Сименс“, „Алстом“, „Штадлер“ и „ВДЛ Ван Хол“.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја посети компанијата и оцени дека проширувањето на капацитетите и воведувањето нови технологии се важни за конкурентноста на македонската економија. Тој рече дека цел на Министерството е да создава услови за стабилни и квалитетни работни места, професионален развој на работниците и раст на нивните приходи.
Според Дурмиши, развојот на следните фази од производството во Македонија може да донесе нови технологии, дополнителна вредност во домашната економија и можности за работниците. Тој наведе дека Министерството ќе продолжи да поддржува политики за нови инвестиции, зголемување на продуктивноста, развој на вештините на работната сила и создавање можности за вработување.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.